Непризнатата Придњестровска Молдавска Република влегува во новата година без парно греење бидејќи веќе не се снабдува со гас од Русија, соопшти компанијата „Тирастеплоенерго“.
Како што прецизираа, поради привремен прекин на снабдувањето со гас, од 1 јануари 2025 година, од 07:00 часот по локално време, ќе биде прекинато снабдувањето со топлинска енергија за греење и топла вода на населението и одредени институции.
Одлуката не се однесува на здравствените установи, соопштија од компанијата.
Руската компанија „Гаспром“ потврди дека од денеска во 08:00 часот ја прекина испораката на гас преку Украина бидејќи нема техничко-правна можност за испорака на гас по истекот на договорот со компанијата „Нафтогас Украина“.
Иако руската страна беше отворена за продолжување на договорите благодарение на кои одредени европски земји се снабдуваат со руски гас, Владимир Зеленски минатата недела ја отфрли оваа можност.
Во изминатата година „Гаспром“ по оваа траса испорача околу 15,5 милијарди кубни метри гас, што е приближно 4,5 отсто од вкупната потрошувачка во ЕУ. Преку него руски гас добиваа Молдавија и четирите земји од ЕУ Словачка, Австрија, Италија и Чешка. Украинскиот транзит доминираше во снабдувањето со гас за Австрија, Словачка и Молдавија.
Во Придњестровје и Молдавија кон средината на декември беше воведена вонредна состојба во траење од 30 дена поради можна енергетска криза поврзана со прекинот на испораките на руски гас.
Експертите предупредија дека прекинот на транзитот се заканува да ги зголеми цените на бензинот и локалната нерамнотежа на пазарот на гас во Европа.
