Возачот претходно бил фатен со дрога: Притворот му бил укинат, правниците апелираат на ресоцијализација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дваесетгодишниот В.Ј. одамна бил познат за полицијата и правосудните органи. Според информациите, тој минатата година, бил фатен со 80 пакувања амфетамин. За овој предмет Обвинителството побарало притвор, но во меѓувреме судијката ја променила мерката.

„Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која на обвинетиот му изрече – заводска мерка упатување во воспитно-поправен дом Тетово, третирајќи го сторителот како помлад полнолетник. Во текот на целата постапка, токму по предлог на јавниот обвинител лицето беше во притвор, а при изрекување на пресудата Судот ја укина притворската мерка за обезбедување“, рекоа од Основното јавно обвинителство.

Од Судот изразија жалење за загубата на млад човечки живот, но додаваат дека е нејасна конекцијата на изречената заводска мерка на одредено лице за едно кривично дело, со друго кривично дело кое е сторено 7 месеци потоа.

Според дел од правниците органите потфрлиле, но сепак појаснуваат дека законот предвидува поблаги мерки за помлади полнолетници.

„Помладите полнолетници уживаат правна заштита, тоа е факт, за помлад има послаб третман, зашто се смета дека се уште не се доволно зрели. Јавноста е вознемирена и тоа е факт“, изјави Александар Тортевски, адвокат.

Адвокатот Тортевски додава дека не е лесно за системот да предвиди како одредено лице ќе постапува во иднина, но државните органи мора да внимаваат на ресоцијализацијата.

„Ако е така како што викаат дека неколку пати е апсен, па пуштан за помали количини, знаете сите во семејствата некогаш имаме по некоја таква личност и кога ќе го фатат со два грама марихуана тогаш сите спротивно велат „еј за два грама марихуана малолетник го ставиле во затвор“, а факт е дека нашите затвори се универзитет на криминал. Државните органи мора да водат сметка дали можат да го ресоцијализираат“, изјави Александар Тортевски, адвокат.

Тортевски додава дека вакви случаи, како кобната сообраќајка, можат да се спречат само преку едукација, превенција, но и техничка оневозможеност за брзо возење на булеварите. Тој очекува дека во овој случај Судот би изрекол најсериозна казна.