Вработените 3 месеци без плата, долгот расте – Касами: На ЈКП „Тетово“ му треба јавно-приватно партнерство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вработените во Јавното комунално претпријатие “Тетово“ три месеци не зеле плата, а претпријатието веќе има долг од други 400 илјади евра. Според градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, причина е покачувањето на минималната плата и поскапувањето на струјата и нафтените деривати.

-Состојбата во јавното комунално претпријатие е иста, а во меѓувреме имаше и зголемување на минималната плата што е зголемен дел од трошоците на претпријатието, зголемување на струјата што ги имаме, некои пумпи кои работеа и генерираа дополнителен долг како и нафтените деривати. Од целата оваа ситуација компанијата има салдо од 4 милиони евра и ако се соберат сите сметки не може да се покрие, бидејќи тоа се трошоци за секојдневно работење, рече градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.

Според Касами, излезот од оваа ситуација би бил општината да одвои средства за бришење на долгот и претпријатието да се менаџира со јавно-приватно партнерство.

-Во наредниот период до советот ќе предложиме краткорочни и долгорочни мерки. Во краткорочниот план предлагаме и ќе му предложиме на советот, општината да интервенира со плаќање на наталожените долгови во однос на платите на работниците, додека во долгорочниот план до крајот на месецот или почетокот на декември ќе имаме физибилити студија, со воведување на приватен партнер или менаџирање на претпријатието со јавно-приватно партнерство. И се надевам дека долгорочно ќе го решиме проблемот со комуналното претпријатие, вели Касами.

ЈКП Тетово имало долг од 9,7 милиони евра, додека сега долгот достигнува 10,1 милиони евра. Претходно отпадот го фрлаше во Дрисла, а сега го фрла во депонијата Русино која има поевтина цена, но сепак сметките не се плаќаат.