Вработувања во здравство – 1.500 лица со договор на дело ќе се вработат на 1 април

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ангажираните со договори на дело во јавното здравство најрано ќе добијат стално вработување после 1 април 2025 година. Решено е нивните договори да се продолжат до 31 март наредната година, по што би требало да има трансформација на вработувањето за стално. Пари за ова има, но ќе треба да се завршат сите административно – институционални формалности, вели директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Тој вели дека постои теоретска можност и некој кој не е со договор на дело, да се вработи на местото на сега ангажираните лица.

„Морам да кажам дека станува збор за генерално средно медицински кадар болничари и хигиеничари, не станува збор за лекари, каде што верувам дека понудата на работна сила е толку голема па да има баш избор. Во најголем дел од здравствената заштита има недостаток од овие кадри.“, вели Сашо Клековски.

Клековски најави и дека се прават обиди 15 – тината колективни договори во јавното здравство да се замени со еден, за да може да се нивелираат сите занимања, додавајќи дека нема да се намалат правата на работниците. Најави и дека во февруари 2025 година осетно ќе се зголеми капитацијата за матичните доктори, но и дека ќе поскапи основниот специјалистички преглед кој сега изнесува 380 денари, а во приватното здравство околу 2.000 денари. Зголемувањето на цената на прегледот ќе значи и повисока партиципација за граѓаните.

„Разгледуваме неколку опции, цената нема да порасне како во приватните болници, меѓутоа зборуваме за соодветно валоризирање на трудот на специјалистите. Значи, зголемувањето на партиципацијата може да биде за 10 – 15 денари, а не некакво радикално зголемување“, вели Сашо Клековски.

Во моментов, партиципацијата е специјалистички преглед е 40 денари. Клековски најави и повисоки плати за вработените во брзата помош и во палијативната нега односно за сите оние кои се грижат за доброто на болните лица, при што покачувањето ќе го добијат само вработените кои имаат директен контакт со пациентите. Директорот на ФЗОМ најави и реформи во целиот здравствен систем и прилагодување на тоа што населението старее, а прирастот на населението се намалува. Клековски вели дека јавното здравство во моментов должи околу 50 милиони евра, а биле вратени 32 милиони и дека на јавните здравствени установи им е кажано дека во иднина нема да се толерира работење со долгови.