Вреди и ДУИ со различни предлози – едните нудат меѓународен ветинг, другите уставни измени против корупцијата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Наместо со меѓународниот ветинг што го најави ДУИ, коалицијата „Вреди“ ќе се бори со корумпираните политичари преку уставен амандман. Од „Вреди“ побараа поддршка од сите партии за да се смени Уставот. Една од целите е да се направи ревизија на сите правосудни постапки за поранешни или сегашни избрани и именувани лица, кои се прекинати заради застареност на евентуалната кривична одговорност. Ја повикаа ДУИ да застане зад нивниот предлог и да се стави крај на политичката корупција.

„Еве го предлогот на ВРЕДИ: Законите можат да имаат повратно дејство и во случаите поврзани со застарување на кривичната одговорност за сторени злоупотреби од страна на избрани и именувани лица при практикување на јавни овластувања со кои е причинета штета на јавните фондови, буџетските средства на централно и локално ниво и со таквите злоупотреби е стекната противправна имотна корист.“, вели Фари Исени

Од „Вреди“ најавија широка дискусија за идејата за ваков уставен амандман и не кажаа дали веќе имаат обезбедено поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Што се однесува пак до идејата за меѓународен ветинг, „Вреди“ го оцени овој предлог на ДУИ како „фрлање прашина во очите на јавноста“. Од Демократската унија за интеграција бараат поддршка за да се стави крај на, како што велат, селективната правда по партиски терк.

„Поради сите поттфрлања и недоверба, крајно време е да се воспостави меѓународно мониториран Ветинг за сите политичари, судии, обвинители, олигарси, но и за приватизацијата и транзицијата во сите 32 години од независноста. Ги повикуваме политичките партии да се надминат себеси, да престанат со лов на вештерки и замајување на јавноста за политичко дефокусирање, и заедно да го усвоиме законот за меѓународно мониториран ветинг за сите наводи од независноста до денес.“, велат од ДУИ

Од ВМРО-ДПМНЕ претходно известија дека го отфрлаат предлогот на ДУИ. Од СДСМ најавија дека допрва ќе градат став за идејата за меѓународниот ветинг. Засега ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ не реагираа за идејата на ВРЕДИ за борба против високата корупција преку уставен амандман.