Врховен го одзеде објектот на ССМ – Трендафилов: Го преживеа земјотресот во 63-та, ќе го преживее и ова

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Врховен суд ќе му го одземе објектот на Сојузот на синдикати на Македонија. Претседателот на синдикатот, Слободан Трендафилов вели дека објектот во времето кога се градел ја поседувал целата потребна документација, договор за градба и чинел околу 8 милиони долари. Дел од оваа сума, како што вели, ја издвоиле работниците од нивните плати. 

Информацијата ја потврдија и од Врховен. Од таму велат дека објектот кај што е сместен Синдикатот, но и земјиштето, се во сопственост на државата. Додаваат дека во периодот кога се градела зградата, право на сопственост имала политичка организација која не обавувала стопанска дејност.

„Имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани, добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост. Во периодот кога е изградена предметната недвижност, правниот претходник на тужениот бил општествено политичка организација, која не обавувала стопанска дејност, поради што немала и не можела да има сопствени приходи за стекнување на имот“, велат од Врховен.

Синдикалците побараа оставка од претседателката на судот, но од Врховен велат дека таа нема право да учествува во вакви предмети, а ниту пак може да влијае во донесувањето одлуки.

На оваа тема беше прашан и премиерот Димитар Ковачевски. Тој порача дека не коментира судски одлуки, но дека секогаш ќе биде на страната на работниците и синдикатите. Изрази надеж дека објектот ќе му биде вратен на ССМ.

Од ССМ најавуваат дека доколку ова е само обид за спречување на протестите на работниците, тогаш ќе има контра ефект, односно протестите ќе се зголемат уште повеќе.