Врховен суд задутре на јавна седница ќе одлучува по жалбата на таткото на Вања Ѓорчевска

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во четврток Врховен суд на јавна седница ќе одлучува за жалбата поднесена од Александар Ѓорчевски, против решението на Апелација за мерката притвор.

Ова е втора јавна седница на Врховен по мерката притвор на таткото на убиената Вања Ѓорчевска.

– Врховниот суд ја известува јавноста дека по изјавената жалба на осомничениот А.Ѓ. од Скопје, преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, против решението на Апелационен суд Скопје КСЖ-320/23 од 2.4.2024 година, по која е формиран предмет во Врховниот суд како ВКЖ1-14/24, на барање на одбраната закажана е јавна седница за 25.4.2024 година со почеток во 10 часот – се вели во соопштението од Врховен.

Претходно во Март годинава Врховен ја одби како неоснована жалбата за укинување на мерката притвор на Ѓорчевски.

Малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче Жежовски, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.

За двете убиства, за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ првообвинет е Љубомир Палевски – Палчо, за кого се чека екстрадиција од Турција, а за соучество се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, споделувал информации со другите осомничени за движењето на неговата ќерка.