Постојаните врнежи од дожд и снег во западниот дел од земјава го отежнаа сообраќајот на некои патишта. Таква е состојбата и на регионалниот пат Гостивар – Маврови Анови, каде поради одрон на камења и падната дрвја, отежнат е сообраќајот на патот кој води до туристичкиот центар Маврово.
Врнежите од дожд го зголемија и водостојот на реката Драгор во долниот дел на Битола.
Врнежите од дожд кои се очекува да надминат 50 литри на метар квадратен, се очекува видно да го зголемат нивото на водата, особено на реките Радика, Сатеска, Коселска и Голема, Треска, Вардар и Црна река.
Од ЦУК апелираат до граѓаните да внимаваат и да избегнуваат движење покрај реките поради опасност од нивно излевање од речните корита.
„Се апелира за крајно претпазливо и внимателно движење (по можност да се избегнува) покрај реките и суводолиците низ земјава поради опасност од нивно излевање. Ова најмногу се однесува на водотеците во западниот дел од земјата каде врнежите ќе бидат пообилни и има опасност од нивно излевање, но и на тие од источните делови каде се очекуваат високи вредности на водостоите“, велат од ЦУК.
И од УХМР велат дека врнежите од дожд ќе продолжат и наредните денови.
Според информациите добиени од Регионалните центри за управување со кризи, засега состојбата со водотеците е стабилна, има зголемувања на водостојот, но нема излевања на истите.
Поради влажното време и појавата на магла, од надлежните институции апелираат на внимателно движење во сообраќајот.