Врсничкото насилство најчесто меѓу основците – жртви се поповлечени деца, со попреченост или од социјално ранливи семејства

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во пресрет на Светскиот ден на детето, 20 ноември, Народниот правобранител најави кампања за подигање на свеста за правата на децата и заштита од насилство, со акцент на врсничкото насилство. Кампањата вклучува видео под назив „Да го прекинеме кругот на врсничкото насилство!“, што е дел од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.

Васка Бајрамовска-Мустафа, државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител, истакна дека оваа година има околу 30 претставки за врсничко насилство, што е слично на бројот од минатата година. Според неа, насилството најчесто се случува во основните училишта, а жртви се најчесто поповлечени деца, деца со попреченост и деца од социјално ранливи семејства.

„Врсничкото насилство често се користи како начин за демонстрирање на моќ. Оваа состојба алармира дека треба многу да се вложи во промените во училиштата“, изјави Бајрамовска-Мустафа, додавајќи дека кампањата има за цел да ги охрабри сите заинтересирани страни – од наставници до родители и деца – да работат заедно за создавање безбедни заедници.

Таа нагласи дека едукацијата за решавање конфликти преку дијалог, а не насилство, треба да почне од најмала возраст. Кампањата ќе вклучува посети на училишта и ќе ги охрабри сите да се приклучат на напорите за спречување на насилството и изградба на поддржувачки средини.

„Ова е повик за акција за сите нас. Заедно можеме да создадеме средина во која ќе преовладува почитта и емпатијата“, изјави Бајрамовска-Мустафа, потсетувајќи дека правата на децата се гарантирани со Конвенцијата на ОН за правата на детето.

Во однос на постапувањето по претставки за врсничко насилство, таа објасни дека ако се потврди насилство, Народниот правобранител ги информира училиштата и препорачува мерки. Ако претставката не е доволно јасна, се бара дополнително испитување од училиштето, а често се вклучува и Државниот просветен инспекторат за вонреден надзор.