На вториот ден од дебатата за избор на уставни судии се дискутира за кандидатката предложена од ВМРО-ДПМНЕ, Родна Живковска. Пратеникот Антонијо Милошовски ја претстави нејзината биографија. Рече дека е докажан правник, со кредибилитет и долгогодишно искуство.
Пратеникот од редовите на СДСМ, Мартин Костовски рече дека никој не го оспорува фактот дека професорката Живковска е професионалец во својата област, меѓутоа, според него, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ крие еден факт, дека таа е донатор на ВМРО-ДПМНЕ и дека не е аполитички кандидат.
Власта немаше голем интерес да дискутира за кандидатката. Во салата на Комисијата присутни беа 1 или 2 пратеници од парламентарното мнозинство. Ова според опозициската ВМРО-ДПМНЕ е показател дека ќе се изберат само кандидати предложени од власта.
ВМРО-ДПМНЕ и денеска инсистираше предложените кандидати да дојдат и лично да се претстават пред членовите на собраниската комисија, бидејќи веќе потврдениот кандидат од СДСМ, Фатмир Скендер во неговата биографија нема ниту негова фотографија и јавноста не знае кој е тој. Од комисијата треба да потврдат уште двајца други кандидати од вкупно 9 и потоа со најмалку 61 глас ЗА да се изгласаат од страна на Собранието.
