Втор ден се расправа за разрешување на Зендели, опозицијата обвинува за недемократија и прашува каде се 400 амандмани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Втор ден жестока расправа меѓу власта и опозицијата на седницата на Собранието на кој се расправа за разрешувањето на Фадиљ Зендели од Комисијата за избори и именувања. Опозицијата остро се спротивставува на ова за што вчера доцна синоќа поднесе 400 амандмани, но тврдат дека власта сака да ги скрие. Каде се нашите амандмани праша координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, според кој ова е недемократски и неделовнички начин со кој се прави преседан.

„Амандманите ги поднесовме во архива, согласно Деловник, оттука натаму, текот и каде завршија амандманите немаме одговор. Јас жалам што доколку не смогнете сила и не ја сопреме оваа постапка на нелегално, недемократски и неделовничко разрешување а колегата пратеник дека секој еден предлог утре кој што би дошол од Комисијата за избори и именувања ќе мора да помине низ специјални филтри“, рече Мицевски.


На говорницата излезе и самиот Зендели, кој повтори дека се прави прекршување на Деловникот со тоа што има обид за негово сменување.

„Поделбата која што е направена на почеток на 20 август 2020 година, врз основа на резултатот е основа врз која е започната. Не случајно Комисијата за избори и именувања се прави на конститутивна седница бидејќи оттука се водат сите процеси за конституирање на работните тела и од ова нема да се избега“, рече Зендели.


Од владејачкото мнозинство велат дека откако пратеникот Зендели преминал во опозиција соодносот е изместен а во Комисијата за избори и именувања мнозинството го има власта. Соодносот на пратениците во Собранието јасно говори каков треба да биде распоредот на силите во оваа но и во сите други комисии, врати Снежана Калевска Ванчева од СДСМ.


Парламентарното мнозинство односно СДСМ и коалицијата има 46 пратеници, ВМРО и коалицијата 44 пратеници. Според формулата која што не е измислена сега јасно е каков треба да биде соодносот во сите работни тела. И точно е друго, дека, согласно членот 118 постојаните работни тела се основаат со одлука на Собранието, како што се основаат, така и се распуштаат. Како што се избираат членови на постојаните тела, така можат и да бидат разрешени.


По преминувањето на пратеникот и член на Комисијата Фадиљ Зендели од Беса во опозиција распоредот на силите во Комисијата за избори и именувања се наруши, со што власта го изгуби мнозинството, што според Деловникот тоа треба да и припадне на мнозинската партија. Дополнително Комисијата остана и без претседател откако Костадин Костадинов стана градоначалник на Струмица.