По неуспешниот претходен конкурс, постапката за избор на директор на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) повторно е во фокусот. Ова е втор обид да се избере прв човек на институцијата која има стратешка улога во регулирањето на секторот за електронски комуникации, надзорот на операторите и обезбедувањето фер пазарни услови.
Според информации на ТВ21, на актуелниот конкурс се пријавени девет кандидати, утре Комисијата за избор треба да донесе една од најважните одлуки во постапката – да изврши внимателна селекција и темелна евалуација на тоа кои кандидати ги исполнуваат условите и кои треба да продолжат во следната фаза.
Комисијата за избор ја сочинуваат: Орце Симов, Анкица Трповска, Анѓелка Диневска, Насер Адеми и Адмирим Алити. Токму овие членови имаат задача да спроведат прецизна проверка на доставената документација и професионалните квалификации на кандидатите, со цел процесот да биде транспарентен, кредибилен и во целост усогласен со законските критериуми.
Јавноста очекува овој пат постапката да биде спроведена со повисоко ниво на одговорност и внимание, особено имајќи предвид дека претходниот конкурс не донесе резултат и беше поништен. Затоа, внимателната евалуација на кандидатите и јасните критериуми за избор се клучни за да се избегнат нови контроверзии и да се обезбеди избор на професионално и интегритетно раководство во АЕК.
Во вторник се очекува Комисијата да утврди кои кандидати ги исполнуваат условите за да продолжат на интервју, по што следи завршната фаза во која треба да се донесе конечната одлука за именување.
