Втора недела од расправата во Собранието за реконструкција на Владата, во која влегува Алијанса за Албанците а Алтернатива го напушти владиниот кабинет. Пратениците дебатираат по точката за разрешувањето на министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, но многу малку зборуваат за тоа, туку продолжуваат со меѓусебни препукувања. Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ова е уште еден обид за спас на Владата, во која како што истакна, премиер е Артан Груби а не Димитар Ковачевски.
„Премиере, не Ковачевски туку Груби, бидејќи Ковачевски е само маскота која што треба да потпишува она што сака ДУИ. Да си го собереш Арбен Таравари во коалиција и да му го промениш името на партијата во Алијанса за Артан. Е сега кога сме кај заложништвото Македонија и македонските граѓани прв премиере се повеќе од 20 години заложници од страна на вашите криминални структури. Заложници се и Албанците и покрај тоа што сте полна уста со национално романтичарски идеи и ги лажете со ниски страсти додека вие се богатите“, вели Јован Јаулески.
Говорници најмногу се од ВМРО-ДПМНЕ, а од владејачкото мнозинство очигледно не сакаа многу да влегуваат во расправии со цел што побрзо да завршат пријавените за збор, кои и за ова разрешување на министерот Алити се уште ги има многу.
„Ова што го правите вие е нечовечно. Вие само за разрешување на министри и заменици министри, една недела за едно разрешување земате збор сите. Зошто? За да ја блокирате и дестабилизирате државата. Цел месец не можат од вас да функционираат институциите и министерствата. Да знаат граѓаните кој ја блокира оваа држава две и пол години. Да знаат зошто во министерствата не можат сега да се потпишат налози за плати, заради тоа што не можеме сега да избереме министри. Заради вас. Прекинете со овие бесмислени говори и уште вечер може да ги изгласаме овие разрешувања“, порача Даниела Колева.
Освен за разрешувањата на министрите Беким Сали и Адмирим Алити, пратениците треба да расправаат и за разрешувањето на министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, а потоа следува и дебатата за кандидатите кои треба да бидат назначени за министри во реконструираната Влада по предлог на премиерот Димитар Ковачевски.
