Вучиќ: Србија нема да воведе санкции кон Русија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека во телефонски разговор со шефот на руската држава Владимир Путин изразил надеж, како и во нивниот претходен разговор пред две и пол години, дека Србија нема да воведе санкции против Русија.

Зборувајќи по повод 80-годишнината од ослободувањето на Белград од фашистичката окупација во Втората светска војна, Вучиќ му се заблагодари и на Путин за поддршката на Руската Федерација за напорите на Србија во Обединетите нации за различни прашања, како и за поддршката на територијалниот интегритет на Србија.

„Само што завршив разговор со Путин, не сме разговарале речиси две и пол години. Имавме добар, отворен, долг и содржаен разговор по повод 80-годишнината од ослободувањето на Белград и му се заблагодарив на Путин за неговите честитки и го истакна непоколебливиот и слободољубив дух на српскиот народ, како и благодарноста на Србија и нашиот народ“, рече Вучиќ во видео пораката објавена на Инстаграм.

Претходниот телефонски разговор меѓу Вучиќ и Путин беше на 29 мај 2022 година, потсетува ТАСС.

Вучиќ рече дека двајцата размениле мислења за сите важни билатерални прашања и дека му се заблагодарил на Путин што преку извршниот директор на Газпром Алексеј Милер се погрижил „Русија да и обезбеди на Србија доволно гас и оваа зима“.

Тој нагласи дека Србија, иако е кандидат за членство во ЕУ, нема да го промени ставот по прашањето за воведување санкции кон Русија по инвазијата на Украина.

По руската инвазија на Украина, Белград го осуди нарушувањето на територијалниот интегритет на Украина, но одби да воведе санкции.

„Србија нема да воведе санкции кон Руската Федерација. Ова нема да се промени“, нагласи Вучиќ, цитиран од Франс прес.

Агенцијата забележува дека овој разговор се одвива додека Русија чека официјален одговор на септемвриската покана на Путин до Вучиќ да присуствува на самитот на БРИКС во Казан од 22 до 24 октомври.