За 10 дена истекува договорот Кичево – Охрид? – 10 години се гради, не е готов, ќе понесе ли некој одговорност?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе има ли одговорност за пропустите и доцнењата во изградбата на автопатот Кичево – Охрид, проект кој трае веќе 10 години но и кој стана двојно поскап од предвиденото. Овој автопат долг 57 километри започна да се гради во февруари 2014 година а тогашната власт вети дека ќе биде изграден до 2018 година. Иако претходно министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вети дека тој ќе го заврши автопатот во вчерашното гостувањето на Клик плус на ТВ21 не сакаше да прецизира кога би можел да биде готов иако до крајот на месецов истекува рокот од договорот со кинеската компанија Синохидро.

„Она кое што суштински таму се случува на терен, имаме 11 свлечишта кои што се појавија во изминатиот период. Таму се пропустите технички од техничка природа, проектантска природа и тие грешки кои што се повторуваат со свлечишта, со нови косини се технички и проектантски. Така што секој оној кој што погрешил, кој што направил одреден пропуст ќе понесе одговорност“, вели Благој Бочварски.

Бочварски говореше и за автопатот Скопје – Блаце проект кој исто така трае долго и исто така се зголеми неговата цена. Овој автопат треба да ги поврзе двата главни града Скопје и Приштина. Бочварски рече дека овој проект има напредок.

„Таму имаме добар прогрес на работите на првата фаза а се распиша тендерот и за втората делница која што е многу комплексна и исто така по многу тежок терен и од тој аспект можам да потенцирам дека и регионалниот пат кој што во моментот го користиме е под рехабилитација и тој ќе биде наскоро завршен. Така што целокупната инфраструктура и на оваа делница на Скопје – Блаце ќе биде обновена, нормално со процедурите кои што ги пропишува Европската банка“, додава Благој Бочварски.

Во врска пак со работата на коридорите 8 и 10Д Бочварски ги отфрли тврдењата дека ништо не се работи. Веќе се прават минирања на одделни терени, а се прават и пристапни патишта за ископ, како и проектирање на трасата. Владата донесе две одлуки за утврдување на траси со тоа што веќе е утврдена позицијата на автопатот во тие појаси, рече Бочварски.