Во следните 10 дена граѓаните ќе знаат дали ќе плаќаат поскапа струја или цената ќе остане иста. Претседателот РКЕ Марко Бислимовски за РСЕ изјавил дека за 10 дена треба да заврши анализата на РКЕ а цената на електричната енергија откако енергетските компании побарале поскапување на цената за нивниот дел. Тој додава дека РКЕ нема да го побара тоа што е побарано од МЕПСО, меѓутоа се ќе се знае по анализата и тендерот што ќе се отвори за ЕЛЕМ и ЕВН.
Кренар Османи од граѓанската иницијатива Доста е не верува дека ќе има поскапување на струјата. Според него, доколку се случи такво нешто, ќе има протести.
„Искрено да кажам, ние како иницијатива Доста е не веруваме дека оваа година Владата и РКЕ ќе ја покачат цената на електричната енергија. Врз основа на тоа што животниот стандард на обичниот граѓанин го достигна дното, а приходите останаа исти. Можам да кажам дека можеме да се споредиме со африканските земји кои се во граѓанска војна. Ќе се предизвикаат немири и социјален револт. Во спротивно, доколку има поскапување, нашите протести не застанаа во последниве 11 месеци и нема да застанеме се до реализирање на нашите барања“, посочи Кренар Османи.
На крајот на минатиот месец МЕПСО побарале покачување на цената за дистрибуција на струјата за 14%. Електродистрибуција побарала покачување на цената за нивниот дел за дистрибуција за 1% и пазарниот оператор на електрична енергија побарал за нивните трошоци поскапување до 45%, Од друга страна, властите ветија намалување од 18 на 5% на ДДВ на електричната енергија за домаќинствата и уверуваат дека до крајот на годината нема да има измена на цената на електричната енергија.
