Најдоцна до среда претседателот на Собранието Талат Џафери треба да ја прими иницијативата за референдумското изјаснување, која вчера ВМРО-ДПМНЕ ја достави до парламентот. Потоа има рок уште два дена за Законодавно-правната и Комисијата за политички систем да се произнесе дали иницијативата е уредна или не. Доколку се утврди дека таа не е уредна за неа треба да се расправа на првата наредна седница на Собранието. Од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваат СДСМ дека бега од референдумот и повторно побараа заедно со изјаснувањето да се одржат и предвремени парламентарни и претседателски избори.
„Стравот од соочување со народот кај власта е огромен. Според спроведени истражувања над 60 проценти од Македонците би излегле на референдум и тоа го знаат и во власта. Таквата огромна излезност во големо мнозинство ќе резултира со отфрлање на Договорот со Бугарија. Тезите на антимакедонската СДС дека народот ги поддржува и е согласен со Договорот со Бугарија се лага. Доказ за тоа е и бегањето од понудата за тројни избори“, вели Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува со деструктивното однесување, велат од СДСМ. Во клучни и сериоизни времиња Мицкоски со иницијатива што однапред е осудена на неуспех, сака да го попречи нормалното функционирање на држава, на штета на граѓаните и економијата, додаваат од владејачката партија.
„Наместо конструктивност ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски со барања за избори за референдум се обидуваат да го попречат нормалното функционирање на институциите на штета на домашната економија, а со тоа и на штета на граѓаните. Нивното такво деструктивно однесување одново ќе биде поразено“, рече Богданка Кузеска од СДСМ.
Досега од сите пратенички групи се изјаснија дека се против организирање референдум за укинување на Договорот со Бугарија, кој го иницира ВМРО-ДПМНЕ.
