За 15 години, 240 милиони евра за камата – Гацов: Вкупната камата за унгарскиот кредит не е 3,25, туку 6,5%

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сметководствена илузија е каматната стапка од 3,25 проценти за унгарскиот кредит, бидејќи вкупниот трошок или ефективната каматна стапка на кредитот е 6,5 проценти. Ова се првите реакции на експертите, откако Министерството за финансии призна дека имале потешкотии во преговорите со домашните банки со кои паднал договор каматата од 3,25 проценти кон унгарската Експорт импорт банка да се плати од буџетот, а банките да го пласираат кредитот од 250 милиони евра кон компаниите со 3,25 проценти камата.

„Сметководствена илузија е стапката од 3,25. Ние можеме да велиме дека од компаниите корисници е 3,25, но се разбира вкупниот трошок или ефективна каматна стапка, тоа што се бара според меѓународните стандарди да се известува е 6,50. Така да овој кредит нема да биде запамтен дека е со историски ниска еве каматна стапка 3,25, туку со 6,5 во вкупен износ“, рече Гацов.

Минисерката во петокот изјави дека државата ќе ја субвенционира каматата .

„Ние пробавме да направиме обид, нели некаде со банките барем да го поделиме тој трошок, тие сметаа дека ризикот го преземаат и тоа е така, ризикот го преземаат банките, и за сметка на тоа, нормално може да се појави некој ризичен кредит, инсистираа каматата да ја покриеме комплетно ние, на крајот се согласивме.“, изјави Гордана Димитриевска-Кочовска.

Математиките покажуваат дека за кредитот од 500 милиони евра од кој половината од парите се наменети за општините, а другата половина за компаниите, државата за 15 години ќе врати на унгарската Експорт импорт банка 240 милиони евра за камата. Компаниите, ако остане рокот 15 години, ќе платат на домашните банки 120 милиони евра. Гацов вели кога ќе се соберат сите трошоци, овој кредит станува неефективен.

„Па, ако годишно е околу 16-тина милиони евра, еве за цела година да кажам каматната стапка и по 15 години ќе испаднат околу 240 милиони евра. Но пазете, тоа ќе биде од буџетот вратено за овие 15 години за овие 500-тини, 500-тини зборувам, ќе треба да вратиме 240. Ако ги поделиме нели и општините, бидејќи и таму е тоа кредит и таму ќе треба ние да враќаме соодветно, а и општините се прилично тенки со свои буџетски приходи за да можат целосно да го покријат враќањето. Тоа ќе значи дека освен што ќе има враќање од буџетот на 240, за 15 години, домашните компании кон нашите банки за 250, зошто другите отидоа нели кај општините, ќе платат 120.“, изјави Гацов.

Тој потенцира дека не е фер што каматата кон унгарската банка ќе ја плаќаат граѓаните преку буџетот, бидејќи очигледно дражавата не успеа да обезбеди поволни услови и договор со домашните банки.