За 17% намалени барањата за азил во ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Барањата за азил во ЕУ во првата половина од 2026 година биле на најниско ниво во последните пет години, продолжувајќи го трендот на намалување што се поврзува со заострувањето на европската миграциска политика. Меѓу новите мерки се и правилата според кои земјите членки можат да формираат центри за враќање во трети земји, каде што би биле испраќани барателите на азил чии барања се одбиени, како што е случајот со центрите што Италија ги воспостави во Албанија.

Според податоците објавени од Европската агенција за азил, земјите од ЕУ, заедно со Швајцарија и Норвешка, во периодот јануари-јуни годинава примиле 332.000 барања за меѓународна заштита. Тоа е за 17 отсто помалку во споредба со истиот период во 2025 година.

Агенцијата посочува дека еден од главните фактори за намалувањето на бројот на барањата е политичката транзиција во Сирија, што довела до значително намалување на бројот на барања за азил од државјани на таа земја, како и напорите на ЕУ за соработка со земјите на потекло и транзит.

Брисел неодамна постигна договори со земји од Северна Африка, меѓу кои Тунис и Мавританија, со цел обезбедување помош и инвестиции во замена за нивна соработка во спречувањето на нерегуларната миграција.

Договорите со соседни земји, како Турција и Србија, резултирале со намалување од 55 отсто на нерегуларните преминувања на границите во последните две години.

Во меѓувреме, војната на Блискиот Исток не довела до зголемување на бројот на барањата за азил од државјани на земјите погодени од конфликтите, посочува Европската агенција за азил.

Најголем број барања за меѓународна заштита, околу 39.000, поднеле државјани на Авганистан. По нив следуваат државјани на Венецуела и Бангладеш.

Најмногу барања за азил примила Франција – околу 69.000. Следуваат Италија со 66.000, Шпанија со 55.000 и Германија, исто така со околу 55.000 барања.