За 30 минути ќе се стигнува од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, преку 23 постојки на растојание од половина километар, со новиот јавен транспорт кој го презентираше градоначалникот Петре Шилегов. Според проценките, анализите и потребите, би се превезувале 3 600 патници на час. Ќе се обучува кадар кој ќе управува со возилата.
„Зашто го одбравме токму овој модел на јавен транспорт? Како најдобро, најбрзо, најбезбедно и најисплатливо решение за Скопје како главен и најголем град во нашата држава“, истакна Петре Шилегов.
Ќе има физички издвоена траса околу која ќе има зелени појаси. Потоа, станици од затворен тип на кои наплатата ќе се врши на самата станица за да се избегне задржување на возилата на станицата. До таа мера ќе биде автоматизиран системот што во затворената автобуска станица во моментот кога ќе застане возилото се отвораат вратите и од возилото и од станицата со цел да има трансфер. Ќе биде поставен систем за наплата со паметни картички, систем за информации на патници во реално време. Сето ова, според властите, ќе обезбеди поефтин јавен превоз од сегашниот и интеграција со останатите видови на превоз се дел од карактеристиките на новиот Бас Рапид.
„Скопје доцни 40 години да направи квалитетен исчекор во унапредувањето на јавниот градски превоз. 1980 -тите години имаше инивцијатива за вов едување на трамвајски систем во Градот Скопје, иамше и референдум кој за малку не успеа за неколку проценти. Меѓутоа тоа што денес се случува во Скопје кој е град со повеќе од 600 000 жители . Преку 170 000 регистрирани возила, зборува дека Скопје има сериозен проблем во сообраќајниот систем“, вели Проф. Д-р Никола Крстаноски.
Ова ќе биде прв јавен превоз од ваков тип на Балканот. Во моментов вакво нешто има во Франција, Израел, Јужна Америка. Тендерската постапка треба да започне на почетокот на август, а ако се се одвива по планираното целосниот проект ќе биде заокружен во 2024 та година. За реализација, Европската банка за обновлив развој ќе додели заем во износ од 70 милиони евра на кој рокот за отплата е 15 години, со грејс период од четири години. Предвидена е уште една траса на потегот од Кисела Вода до Бутел. Улицата Рекорд и потегот од Стара Железничка до Бит Пазар би биле пешачки зони.
