За два дена три жртви на патиштата во Кичево – денеската сообраќајка однесе животи на двајца патници од Тетово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Магистралниот пат во Кичево беше фатален за семејство од Тетово.

Во близина на селото Зајас се случи сообраќајна несреќа во која настрадаа две жени. Едната починала на местото на несреќата , а другата во амбулантно возило, на  пат кон болница. Автомобил од тип „Голф 4“ со тетовски регистарски таблички се удрил  со товарно возило „мерцедес“.

„На 20.08.2022 година во 09:15 часот, на магистралниот пат Гостивар -Кичево кај кичевското село Зајас, се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно моторно возило „мерцедес“ со тетовски регистарски ознаки и патнички автомобил „голф“ со тетовски ознаки. На местото на несреќата, на повредите им подлегнала Т.В.(54) од Тетово, додека во амбулантно возило, на пат кон Ургентниот центар во Скопје, починала С.Ц.(75) од Тетово“, велат од СВР Охрид.

Во текот на вчерашниот ден, 20-годишно момче во Кичево прегази повозрасна жена, по што истата починала на местото на настанот.

„79-годишна жена од Кичево почина откако во неа удри возило „туран“ управуван од 20-годишниот М.С. од Кичево. Настанот се случил вчера околу 18:15 часот на улицата „Кузман Јосифовски-Питу“ во Кичево, каде автомобилот „туран“ удрил во лицето Д.Ц“, се додава од СВР Охрид.

Во текот на летото на оваа магистрала од село Колари до излезот на Кичево регистрирани се и други сообраќајки. Во јули токму на овој патен правец, во сообраќајна несреќа загина 24-годишен кичевчанец.

На овој магистрален пат, кој минува низ кичевските села, дозволената брзина е 50 км на час, но ретко кој го почитува ограничувањето, што доведува до сообраќајки со фатални последици.