За две години застареле над 3000 предмети – Собранието не ја носи стратегијата за борба против корупција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кривични, граѓански, прекршочни, 3292 предмети биле застаорени само во периодот од 2018 до 2020 година.

„Ја добивме токму оваа официјална статистика која потврдува и го потврдува извештајот на Транспаренси дека токму нашиот пат во овој период, не во други области, туку е во делот на судството и во делот на владеењето на правото“, истакна Љупчо Николовски.

Причината за застарувањето ќе треба да ја покаже деталната анализа која е најавена.

„Правдата мора да е достижна и тоа е вредност и стандард и на таа работа сме целосно посветени“, додава Љупчо Николовски.

Николовски вели дека опозицијата три години се бори против правдата и законите, но, не мислат така и од ВМРО-ДПМНЕ. Од таму велат за историски најлошото рангирање според индексот на корупција, треба да одговара токму вицепремиерот задолжен за борба со корупцијата,

„Потребни се оставки, најпрвин од т.н вицепремиер за борба против корупцијата, Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ, затоа што не само што не се изборија со корупцијата туку истата е засилена. Токму затоа, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација во Собранието за Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ“, посочи Владо Мисајловски.

Минатата недела, Судски совет разреши судијка која најверојатно вршела злоупотреба врз АКМИС системот, а во 2020 година за утврдување на одговорност поднесени биле барања за 107 судии.

Проблемот со корупција во Македонија е дел и од Акцискиот план 21, во кој Владата најави дека ќе биде воспоставен синхронизиран и единствен Кол центар за пријавување на корупција и следење на постапките во институциите.

Но, од друга страна, повеќе од една година во Собранието никако да се донесе Национална стратегија за борба против корупција и спречување на судири на интереси, која Антикорупциската комисија ја изработи заедно со неколку институции.

„Поставувањето на вицепремиер, не може да ја реши работата одеднаш, исто и новиот состав на ДКСК. Ние колку работи откривме, колку системски слабости откривме, еден куп, но тие понатаму треба да се проследат, да се отстранат како слабости, за тоа треба повторно политичка волја, државата, министерствата да направат промена во соодветните закони за да не постојат такви системски слабости“, вели Билјана Јовановска за РСЕ.

Северна Македонија е најлошо рангирана досега на индексот за корупција на Транспаренси Интеренешнл со пад од 5 места на 111 место во друштво на БиХ, Панама и Монголија. Земјава заедно со БиХ се на дното во регионот според перцепцијата за корупција.