Доколку Македонија не ги усвои уставните измени и со тоа не го продолжи процесот на европската интеграција, постои опасност да се најде во групата земји со отворени прашања. На ова предупредува шефот на македонската дипломатија Бујар Османи кој во интервјуто во магазинот Клик плус на ТВ21 рече дека опозицијата со одбивањето да ги поддржи уставните измени води неразумна политика. Железната врата на Европската унија се отвора во овие геополитички моменти со војната во Украина и влегување на брза патека на интеграцијата на Македонија во овие моменти е клучен процес, вели Османи.
„Сега го имаме геополитичкиот момент поради Украина, сега одлуката е дали ние сме спремни. Без уставни измени, ние не сме спремни. Црна Гора и Албанија да влезат во брзата трака ние да влеземе во групата на земји со отворени прашања. Е тогаш тие експерти кои што велат дека ние сме го билатерализирале процесот ќе сфатат што е билатерализација. Кога Европската унија ќе ви кажат решето го прашањето со Бугарија, како што Србија ќе го реши со Косово и Косово со Србија или како Босна и Херцеговина што ќе го реши со Република Српска, влегувате во таа група. Е таа услуга и ја прави на државата оваа неразумна политика на опозицијата. Додека имаме шанси во наредните месеци да влеземе во оваа брза патека со Албанија и Црна Гора.“, рече Османи.
За европската интеграција на земјава станало збор и на денешниот работен состанок во Тирана која комесарот за проширување Оливер Вархеји ја имал со премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Бојан Маричиќ. 2030 е амбициозен но и достижен датум, иднината на политиката за проширување е отворена и поставена е цел за која треба и државите од Западен Балкан и ЕУ да се подготвиме напиша Маричиќ по средбата. Тој вчера учествуваше и на Форумот на тема „Европска иднина на Западен Балкан.
„Мислам дека до крајот на оваа година и почетокот на наредната е терминот кога треба да се направи новата Агенда 2030, што не значи дека ние со тоа нема да добиеме ништо готово. Тоа значи дека ние имаме шанса за 2030 како можен датум за прием за оние кои ќе бидат подготвени за тоа.“, изјави Маричиќ.
За продолжување на процесот на европската интеграција, нашата земја треба да ги донесе уставните измени што се услов за продолжување на преговорите со Европската унија.
