Огромен е интересот кај граѓаните уште на првиот ден од почетокот на вакцинацијата против сезонски грип. Во Центарот за јавно здравје „Пролет“ за неколку часа беа потрошени првите 2.000 дози вакцини со приватно купување кои чинат 800 денари. Од таму велат дека се чекаат нови дози кои треба да пристигнат за две недели.
„Вчера почнавме да ги вакцинираме луѓето и за неколку саати беа потрошени вакцините. Побаруваќката беше голема, многу фирми ги заштитија своите вработени. Поголеми дози се даваа на поголеми фирми кои беа претходно пријавени и закажени со термин за вакцинација.“, рече Љуљиета Имери.
Доктор Имери вели дека иако вакцината против сезонски грип не произведува антитела за корона вирусот, таа значително придонесува за зајакнување на имунитетот и му овозможува на организмот полесно да се бори против инфекцијата, што не значи дека заштитува од корона вирусот.
„Можеби има заблуда бидејќи имаме и пандемија и некој мислат дека оваа вакцина штити од други нешта но за жал да им објасниме дека вакцината за грип единствено штити од сезонскиот грип. Значи имунитетот треба да биде на високо ниво, и вацината тогаш ќе има заштита само од сезонскиот грип.“, рече Имери.
Од Министерството за здравство информираат сека до сега сите термини за бесплатно вакцинирање од сезонски грип оваа недела се пополнети преку матичните лекари и „Мој термин“ за сите вакцинални пунктови во Скопје.
Ова е трета година по ред како се обезбедуваат бесплатни вакцини против сезонски грип за ризичните групи, односно за граѓаните над 65 години, бремените жени, здравствените работници и децата на возраст до пет години. Министерството за здравство набави вкупно 40 илјади дози од вакцината.
