Се уште нема одговор од бугарските власти дали ќе се оствари билатерална средба за спорот и евроинтеграцијата, на маргините на НАТО Самитот во Хаг кон крајот на месецов. Премиерот Христијан Мицкоски обвини дека Бугарија го користи зачленувањето во Унијата како оружје.
„Планирам деновиве лично да се слушнам со претседателот на Европскиот Совет, господинот Кошта, бидејќи тоа беше негова идеја, ние ја прифативме без резерва. Веднаш рековме „нема никаков проблем“. Дали има некаков одговор од другата страна?“, рече Мицкоски.

Од друга страна, претседателот на СДСМ, Венко Филипче оцени дека премиерот води авторитарна Влада. Тој ова го кажа од Атина во присуство на поранешните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, говорејќи за придобивките од Преспанскиот договор.
„Договорот од Преспа реши повеќедецениски спор меѓу Северна Македонија и Грција и овозможи Северна Македонија да стане членка на НАТО, но за жал не сме членка на ЕУ, иако желбата се уште постои. Моментално имаме десничарска авторитарна Влада во нашата земја која не сака да ја придвижи земјата напред, тоа е како со вакцината, ја добивме првата доза со НАТО, но не ја добивме втората доза.“, изјави Филипче.

На премиерот пак не му е јасно врз основа на кои критериуми Филипче има таков заклучок.
„Не знам што е тоа што го предизвикало тоа чувство. Јас пак напротив, мислам дека поголема слобода во општеството од оваа една година којашто е, и во медиумите, не постоела.“, вели Мицкоски.
Освен СДСМ, претходно и од ДУИ обвинија дека власта има антиевропска агенда, го запира процесот на европска интеграција, ставајќи ја Македонија во област под влијание на источни автократии.
