За потрошувачите на струја од јануари нови мерки – Бектеши: Задоволен сум од штедењето на струјата во институциите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од јануари идната година се подготвува нов пакет мерки за помош на домаќинствата и компаниите, информира министерот за економија Крешник Бектеши. Тој ги повика на рационално трошење на електричната енергија, а рече и дека согласно одлуката на Владата за снабдување со електрична енергија по повластена цена од први декември ќе можат да аплицираат дел од компаниите.

„Веќе сме ги подготвиле и сите мерки што ќе почнеме да ги спроведуваме од први јануари наредната година а главно мерките се насочени кон поддршка дополнителна кон граѓаните а посебно кон компаниите вклучувајќи ги и тие што се на регулиран пазар. Се прават калкулациите за од први јануари не се предвидува да има значително зголемување на цената на електричната енергија посебно за домаќинствата и за малите потрошувачи“, посочи Крешник Бектеши.

Во однос на заштедите  на електричната енергија од страна на институциите и општините Бектеши вели дека е задоволен од тоа како се штеди. Сепак издвои неколку општини кои не ја намалиле потрошувачката на струја од 15 проценти колку што е препорачано да се штеди. Но, има и општини кои дури и ја зголемиле потрошувачката како што се Студеничани за 11 проценти, Лозово за 12 проценти како и Арачиново со дури 474 проценти поголема потрошувачка на струја.

„Вкупно 16 општини не постигнале заштеда од 15 проценти од кои само 3 имаат поголема потрошувачка во октомври 2022 споредбено со октомври 2021 година. Ако се земат во предвид податоците вклучително и на сите државни претпријатија агенции и управи тогаш вкупната заштеда на електрична енергија изнесува 24 посто. Министерството за образование има постигнато најмала заштеда на електрична енергија од 24 посто, а најголема заштеда има постигнато Министерството за животна средина од 94 посто“, додаде Крешник Бектеши.

Заштеди бележат и Владата со 36 посто, кабинетот на претседателот на државата со 23 посто, како и Собранието со 22 посто.