За првомајските празници полабаво, на 1, 2 и 3 мај полицискиот час од 14 до 05 часот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема целосен карантин за првомајските празници одлучи Владата. Полицискиот час на први, втори и трети мај, односно петок, сабота и недела ќе започнува од 14 часот па се до 5 часот другиот ден. Иако претходно имаше информации дека предлогот на Комисијата за заразни болести е строг карантин за петок сабота и недела сепак прв на ова се спротивстави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој рече дека неговиот предлог е да нема строг полициски час. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ваквото релаксирање е доволно за овие денови, но за тоа дали е можно укинување на полицискиот час рече дека е рано за тоа.

„Забраната за движење на територијата на цела држава значи почнува од 14 часот до 5 часот наутро следниот ден. Притоа двете возрасни групи се оделени. За лицата над 67 години во петок сабота и недела е дозволено движење од 5 часот наутро до 11 часот, а на лицата до 18 години во петок, сабота и недела движење од 12 до 14 часот. Со ова граѓаните имаат доволно време во претпладневните часови и да прошетаат и да ги набават потребните намирници.“, рече Филипче.

Филипче информираше и за состојбата со заболените. Најпрво рече дека регистрирани се 36 оздравени пациенти, но за жал 6 пациенти починаа, додека новозаболени се 22 случаи. Кривата на епидемијата е израмнета и имаме линеарен број случаи рече Филипче, а додаде и дека денеска требаше да започне и лекувањето со крвна плазма.

„Требаше денеска да биде првиот пациент на кој што ќе биде земена плазмата и после по соодветна метода обработено и тоа е во рамките на активностите на Институтот за трансфузиологија кој што се посвети изминатиот период на изотвување на протоколите добивање на сите формално-правни дозволи и од комисиите и од Агенцијата за лекови.“, изјави Филипче.

Нов бран на заболени од коронавирусот Филипче очекува на есен и според него тој би бил покомплексен од сегашниот поради појавата на сезонски грипови. Сепак, системот е добро поставен и ќе можеме ефикасно да реагираме, рече тој.