Во Грција денеска е регистриран нов негативен рекорд на новозаразени од коронавирусот, а бројката за првпат е над 2.000 нови случаи, поконкретно 2.056 за едно деноноќие, јави дописничката на МИА од Атина.
Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, починаа уште шест лица, а приклучени на апарати се 135 пациенти, седум повеќе од вчера.
Од почетокот на епидемијата, заразено е 39.251 лице, а регистрирани се 626 смртни случаи од коронавирусот.
Поради зголемениот број новозаболени, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска соопшти нови мерки, кои вечерва детално ги објасни заменик – министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас.
Како што објасни, од вторник, 3 ноември, Грција, односно 74-те региони се поделени во две зони: Зона А- жолта и зона Б –црвена.
Во првата, односно „под надзор“ се 47 региони, а останатите 27 се во црвената со „зголемена опасност“, меѓу кои речиси цела северна Грција и Атина.
Мерките што ќе важат за цела Грција се: задолжителна маска и внатре и надвор; полициски час од полноќ до 5 часот наутро; задолжително најмалку 50 отсто работење од дома во државниот и приватниот сектор и задолжителни онлајн предавања за студентите.
