По трите неуспешни обиди на Бугарија да избере претседател на Народното собрание и натаму останува неизвесно дали ќе има некаков исчекор во однос на блокираните европска перспектива на земјава до крајот на годинава. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека тој и неговиот тим се подготвени за суштински разговори но дека за сега нема најава дека тоа може да се случи и со официјална Софија. Тој повтори дека нема промени во неговиот став за уставни измени со одложено дејство, но дека сега промена има кај европските партнери, кои имаат разбирање за ваквата позиција. Најави дека во декември два пати ќе има средби во Брисел.
„Доколку има волја има и начин, тоа не зависи само од нас, за танцување треба двајца, некогаш можеби повеќе. Но во случајов треба да имаме некој соговорник кој што ќе сака да разговара, ние сме подготвени секаде ја претставуваме нашата позиција. Мислам, нема веќе аргумент, тоа е тоа, земете или оставете, тоа веќе не е, сега имаме поинаква позиција. Сега позицијата е дајте да најдеме решение и ние велиме да, да најдеме решение“, вели Мицкоски.
Првиот вицепремиер Изет Меџити во интервју за државната косовска телевизија најпрво и честиташе на Албанија за успешното чекорење кон ЕУ и посочи дека приоритет на земјава останува патот кон евроинтеграциите, но дека клучен фактот за тоа се уставните измени.
„Еден од клучните услови може да се согласиме, но не само оваа, бидејќи се бараат и реформи во правосудство и имплементација во сите области што се отворени. Патот кон ЕУ останува приоритет и на оваа влада, се трудиме и со нашите стратешки партнери заедно за да го убедиме, a и македонската страна дека ова е единствениот пат и никој нема дилеми за внесување на бугарската заедница во Уставот, но македонската страна бара дополнителни гаранции за да нема нови барања во патот кон ЕУ“, вели Изет Меџити.
Пред три дена во Баку, на конференцијата за климатски промени претседателката Гордана Сиљановска Давкова се сретна со бугарскиот колега Румен Радев. Давкова порачала дека решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на принципите на Европската унија. Радев пак со став дека не е проблемот само внесувањето на Бугарите во Уставот, туку и исполнување на обврските од Преговарачката рамка и Договорот за добрососедство.