За вирус не се дава антибиотик, превентивно земање лекови не е оправдано

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Конзумирањето антибиотици на своја рака со цел лекување од корона вирусот, може да донесе несакани последици, смета проф. д-р Дејан Докиќ. Тој во емисијата Клик Плус на ТВ21 истакна дека секоја терапија задолжително треба да се зема по препорака на лекар и според соодветните направени анализи за секој пациент.

„Антибиотиците строго ќе се даваат онаму каде што имате индикација за бактериска инфекција. Ова е вирус, сите знаат и матичните лекари и малите деца. За вирус не се дава антибиотик. Се додека имате симптоми на вирус и немате знаци биохемиски, клинички, лабораториски или на рендгенска снимка дека има бактериска инфекција нема потреба да се зема антибиотик, па и при зголемена температура.“, рече Докиќ.

Директорката на Инфективна клиника, д-р Милена Стевановиќ истакна дека лекарот е тој што треба да ја определи терапијата доколку е потребна.

„Превентивната фаза апсолутно не е оправдана. И ако се дава превентивно се дава во исклучителни случаи со сериозни коморбидитети, тоа навистина не е оправдано на ниту едно друго место превентивно земање на антибиотици и самоиницијативно. Меѓутоа во секој случај може да се направат сериозни токсицитети и истрошување на соодветниот антибиотик и да дадете кога ќе ви треба највеќе.“, изјави Стевановиќ.

Според неофицијални информации, во месец ноември на товар на Фондот се издадени околу 60.000 пакувања антибиотици „Сумамед“ и „Панцеф“.

Според Министерот за здравство, Венко Филипче во овој момент на клиниките нема потреба од кислород, иако, како што рече, забрзано се работи на инсталацијата на резервоарот кој треба да се постави до старата Систина.

„Ние на многу места во клиничкиот центар веќе инсталиравме централен кислород таму каде што нема се користат боци со кислород, таму каде што нема боци со кислород се користат таканаречени килородни концентратори тоа се апарати кои што работат на струја. Сега во делот на приватните болници таму се инсталираат односно се спрема подлогата за инсталација на резервоарите за кислород.“, вели Филипче.

Тој истакна дека на оваа проблематика работат и правниците и техничките служби за обезбедување на кислород, додавајќи дека во следниот период тоа ќе биде целосно завршена инфраструктура.