За време на огномет на саемот во Диселдорф повредени се 19 лица, меѓу нив и деца!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во несреќа што се случи за време на огнометот на традиционалниот градски саем „Рајнкирмес“ во Диселдорф, повредени се 19 лица, од кои четворица потешко, откако неколку ракети неочекувано се насочиле кон публиката.

Службите за итни случаи го потврдија бројот на повредени доцна во петокот навечер. Инцидентот се случил кога дел од огнометот експлодирал необично блиску до земјата, а полицијата соопшти дека меѓу повредените има и најмалку две деца.

Сведоци за германскиот јавен сервис WDR изјавиле дека ракетите летаат настрана или се детонираат премногу ниско, при што неколку паднале и во реката Рајна. Снимки направени од спротивниот брег прикажуваат експлозии што истовремено го осветлуваат небото и тлото.

„Бев на саемот и го гледав огнометот. Некои ракети летаа многу ниско и експлодираа блиску до луѓето. Се прашував дали е премногу блиску до публиката“, изјави еден очевидец.

Пожарникарите се сомневаат дека неколку ракети отстапиле од предвидената траекторија, а една дури директно ја погодила толпата.

Иако организаторите првично не ја прекинале манифестацијата за да не предизвикаат паника, прославата сепак завршила порано – околу 22:45 часот, иако било планирано да трае до доцна во ноќта.

Саемот Рајнкирмес е еден од најголемите во регионот и традиционално се одржува во чест на Свети Аполинари, заштитникот на Диселдорф. Оваа година настанот започна на 11 јули и ќе трае до недела.