Задолжувањата, јавниот долг, ребалансот и буџетскиот дефицит беа дел од темите за жестока дебата на денешните пратенички прашања. Пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи праша колку власта планира да ја задолжи државата и дали со ребалансот на буџетот ќе се продлабочи дефицитот во државната каса на 6 проценти како што предупреди и Гувернерот на Народната банка Трајко Славески.
„10,8 милијарди евра постоечки јавен долг, плус 260 милиони нов заем, плус можни 350 милиони во јуни, плус евентуално 300 милиони евра преку ЈПДП, плус една милијарда преку преговори со земја членка на НАТО, плус околу 700 милиони евра доспеани, а неплатени обврски во стопанството. И тоа е потенцијален јавен и неплатен финансиски товар од околу 13,4 милијарди евра. И моето прашање е дали ја потврдувате или ја демантирате оваа пресметка“, вели Фатмир Битиќи.
Заменикот-министер за финансии Николче Јанкуловски со одговор дека јавниот долг се управува одговорно, економијата расте со 3,5%, а обврските наследени од минатото редовно се сервисираат.
„Минатата година реализиравме отплата на еврообврзницата од 500 милиони евра, оваа година за отплата е еврообврзницата од 700 милиони евра. И половина од оваа еврообврзница веќе е сервисирана, а половина ќе се сервисира во текот на јуни 2026-тата година. Или попластично вкупно 9 милијарди евра стари долгови по основ на главнина и камата на долг, што оваа Влада има обврска да ги сервисира од 2026 до 2031-та година“, вели Николче Јанкуловски.
Битиќи не беше задоволен од одговорот и побара да му се одговори на писмено. А жестоки реакции од опозицијата имаше и за неприсуството на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, која беше кажано дека се уште е отсутна поради службен пат.
