Премиерот Зоран Заев во синоќешното гостување во „Клик Плус“ на ТВ21 рече дека пред граѓаните да одлучат да одат во приватни клиники, треба да проверат што има и што нуди државниот систем. Тој порача дека доколку некој има вишок пари, може да оди во приватните клиники, но дека истата услуга може да ја добијат и во државните болници.
„Ако некој има вишок пари, бујрум нека оди, тоа се лиценцирани компании, здравствени установи кои работат нормално за профит. Ние како држава не работиме за профит. Трансплантација на крв има на Инфективна клиника, ремдесивир има на Инфективна и се дава по шаблон според упатствата од Светската здравствена организација“, посочи Зоран Заев.
Заев истакна и дека граѓаните ги имаат сите причини да бидат нервозни, но како што рече, треба да знаат дека здравствените работници прават се, односно најмалку толку колку што прават здравствените работници во приватните клиники.
„Да прашаме кој на кого се јавува да побара ремдесивир затоа што имале пациент со одредени својства според кои треба да му се даде лекот. Приватници им се јавуваат на државните, тие од нив бараат поддршка. Вистинската капацитетност е во државните. Сега имаат и повисоки плати иако не се најсоодветни, сакаме да бидат уште поголеми и ќе бидат во иднина. Јас не можам да прифатам дека е 12 илјади лечење со трансплантација на крвта во некоја од приватните клиники. Да имаше вонредна состојба, па да одевме малку со времена национализација во овој период“, истакна Зоран Заев.
Околу 200 евра чини еден ден болничко лекување на пациент со ковид-19, додека болен приклучен на респиратор над 4 дена ја чини државата 5.700 евра. Оваа цена е според актуелниот ценовник и важи и за случаите со ковид-19. Заев синоќа истакна и дека будно се следат состојбите со КОВИД-19, но дека не се исклучува иможноста за воведување на карантин или други рестриктивни мерки. Утре ќе биде одржан и состанок на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски каде е можно да се дефинира некоја од мерките.
