Заев бара да се вклучи „циркуларот“, со кратење на трошоци на институциите до пари за 5 и 6 пакет мерки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Да се вклучи циркуларот на министерот за финансии за што повеќе да се скратат трошоците во сите институции, на ова смета премиерот Заев во насока да се приберат што повеќе пари за исплата на 5-от, но и за најавениот 6-ти пакет мерки. Колку ова ќе биде доволно за двата пакета и дали буџетот е во кондиција да ги издржи овие исплати?

„Апелирам со зборови и поткрепа на циркуларот од министерот за финансии  и до сите министерства да преземат чекори на кратење на не така продуктивни трошоци или не така итни или важни трошоци. Буџетот е финансиски ликвиден и солвентна е државата и затоа ја испраќам пораката уште еднаш да целото наше население до работниците и до компаниите, државата постои да помогне“, истакна премиерот Зоран Заев.

Само во текот на овие три недели додека се затворени угостителско-туристичките објекти државата треба да исплати околу 18 милиони евра. Од нив се предвидени исплата на 30 проценти од просечниот месечен приход на фирмите како и минимална плата од 15.200 денари за вработените.  Од каде ќе се најдат овие пари, со оглед на тоа што самото штедење и кратење на трошоците е недоволно.

„Ликвидноста се оценува, пред се од редовноста на приходите. Приходите во државата редовно се наплаќаат и се зголемени и во текот на март и во текот на април, барем досега, но доаѓаат секако и од обезбедените кредитни линии кои што ги имаме односно, знаете дека набавивме пари преку продажба на еврообврзница со 1,625 проценти од 700 милиони евра кои што стојат на располагање“, додаде Заев.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваа дека Буџетот е празен а власта нема пари за да го исплати петтиот пакет мерки и дека поради тоа и се доцнеше со нивно донесување.