„Заев го тргна од маса премиерот Албанец“ – Зејди: Алијанса-Алтернатива на добар пат за договор со СДСМ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Коалицијата Алијанса-Алтернатива е на добар пат за договор за формирање мнозинство со коалицијата „Можеме“, тврди генералниот секретар на Алтернатива и новоизбран пратеник, Скендер Реџепи. Тој за ТВ21 вели дека официјалните преговори се уште не се започнати и истите се очекува да започнат следната недела.

„Секако првото начело на нашата коалиција беше да очекуваме реализација на ветувањето или поинаку кажано на предизборната лага на ДУИ во врска премиер Албанец. Но, по изјавата на претседателот на СДСМ, кој ја тргна од преговарачка маса оваа тема, ние сметаме дека ДУИ конечно го изгуби легитимитетот за преговарање во влада. Така што, по давањето мандат од претседателот на државата на претседателот на СДСМ, коалицијата АА-ААА и официјално ќе одржи преговори за влада и имајќи ја предвид подготвеноста на мандатарот за исполнување на програмската платформа и на нашата коалиција, сметаме дека сме на добар пат до договор“, истакна Скендер Реџепи.

Од друга страна, и од ДУИ велат дека првите сигнали од вчерашната средба Заев-Ахмети се надежни, но останува да се види крајниот исход. Под знак прашалник останува и барањето на ДУИ за премиер Албанец. Портпаролот на интегративците, Бујар Османи, за ТВ21 не откри ништо во врска со ова прашање, само рече дека се трудат да ја вратат довербата изгубена во текот на изборната кампања, оставајќи простор ова да се сфати дека секоја предизборна „кавга“ може да се надмине.

„Сѐ што имате слушнато, било да се и ставовите на политичките партии, пред да почнат преговорите беа ставови на партиите, до некаде беа неосновани вести, така што не треба да се земаат како официјални. Она што стои е фактот дека од денеска почнаа официјалните преговори со СДСМ за постигнување договор за заедничко владеење, и таму ќе бидат изнесени нашите, а секако и нивните позиции. Ќе видиме каков ќе биде исходот“, вели Бујар Османи.  

Не се исклучуваат средби и со други партии, вели Османи.
СДСМ денеска започна сериозни и сеопфатни преговори со претседателите и високите претставници на политичките партии кои се дел од парламентарниот состав. Детали не откриваат. Велат дека „преговараат исклучиво за формирање на Владата која ќе се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободени од етнички предрасуди или каков било национализам“.