Додека ги чекаа нивните лидери, функционери на СДСМ и Движењето Беса го искористија времето за да поразговараат. Ако за некого беше доволно само ракување, меѓу генералните секретари имаше и прегратки. Претседателите на двете партии беа пречекани со ракоплескање. Освен на знамињата, внимание беше посветено и на презентирањето на договорот.
“Подобра иднина, и тоа го правиме заедно. Sepse së bashku mund t’bojmë më mirë”.
Потоа следуваше потпишувањето на Декларацијата за предизборна коалиција меѓу СДСМ и Беса, во кој се потенцира дека ќе се гради доверба и заедничка европска иднина, почитувајќи ги граѓанските вредности на сите заедници во земјата. Се спомнува и борбата против корупцијата, криминалот, како и залагањето за реформи во правосудниот систем.
Ова е прва предизборна коалиција меѓу македонска и албанска партија. Според лидерот на СДСМ, договорот е историски и ќе го освои мнозинството за формирање Влада.
Од Беса пак велат дека како партија го надминуваат досегашниот концепт каде гласовите се користеле само за предизборни коалиции, калкулирајќи како некој да стане дел од Владата. Заев со порака до другите албански партии.
Лидерот на Движењето Беса, Биљал Касами предизборниот договор не го гледа само како размена на гласови.
-Ова не е размена на гласови за поддршка, туку ова се две партии кои се обединуваат согласно заедничката визија, цели и меѓусебната почит. Со ова партнерство ние ќе покажеме дека Албанците и Македонците можат да работат заедно со меѓусебна почит и еднаквост за подобрување на нашиот живот-рече Касами.
Потпишаниот документ ќе им се достави за усвојување на највисоките партиски органи.
