Димитар Апасиев, пратеникот од Левица, го праша премиерот Зоран Заев дали е вистина дека плаќал пратеници со по 300 илјади евра после изборите, премиерот од говорница му одговори.
„Негирам било каква инсинуација, срамота е што си дозволувате вакво прашање. Го минавте по рејтинг Мицкоски, ама изгледа сакате и мене да ме минете. Кроткичко, пополека. Не може ем да обвините ем да избегнете одговорност за обвинувањата. Лидер во опозиција вади докази и ги вади во јавноста. Тоа е исто како да ве прашам дали е вистина или шпекулација дека јас и вие сме се договориле да ви ги обезбедиме сите ресурси на изборите само да одземете гласови од ВМРО-ДПМНЕ и при тоа да дадете директен одговор дали е вистина или шпекулација дека договоривме да нѐ поддржувате понатаму ако освоите пратеник. Вака реторички прашања нема да ве однесат никаде на функција туку ќе ја разобличите една левичарска идеја. Знам ве гледам се борите, сам сте и тоа е во ред, но вака – не. Вака нема да постигнете ништо, ова не му личи на политичар и пратеник“, рече Заев.
