Заев: Не дозволуваме интервенции во нашиот идентитет – Груби: Направивме сè што побараа, сега редот е на ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија нема да дозволи интервенции во идентитетот и одредувањето на историјата од друг народ, потенцира  премиерот Зоран Заев за неделното издание на грчкиот весник Катимерини, алудирајќи на отвореното прашање од  Бугарија.

„За Северна Македонија, за македонскиот народ, за сите граѓани на нашата земја, каква било интервенција во македонскиот идентитет е неприфатлива. Процесот трае веќе подолго време, не сакаме да запреме и нема да запреме, но нема да ги ставиме во опасност нашето достоинство и нашиот идентитет. Верувам дека ќе најдеме заеднички решенија со Бугарија и ќе изградиме квалитетна иднина за нас и за идните генерации“, рече Заев.

Инаку премиерот Заев утре ќе отпатува во Брисел на средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. На средбата се очекува тема на разговор да бидат и последните изјави на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој рече дека има шанси да се одвојат од пакет Македонија и Албанија за членството во ЕУ.

Во меѓувреме,првиот вицепремиер Груби рече дека посетата во Брисел на премиерот Заев е во потребно време за да се алармира до институциите на ЕУ дека  во нивни раце е одлуката.

„Сите потребни и непотребни компромиси, ние лидерите на оваа земја ги направивме, вклучително и спроведувањето на Рамковниот договор, Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство заокружено со сите реформи кои ги побара ЕУ. Ние ја докажавме нашата храброст, сега храброст треба да демонстрираат лидерите на ЕУ и да не ја држат во заложништво иднината на нашите граѓани“, вели Груби.

Според Груби, Албанија и Северна Македонија не треба да се делат за почеток на преговорите со ЕУ, бидејќи, како што вели, овој процес започнал заедно со Албанија и треба да продолжи на истиот начин. И министерот за надворешни работи, Бујар Османи смета дека Македонија и Албанија нема да се делат на патот кон ЕУ и дека дебатата што се одвива во јавноста е погрешна.