Загадување на водата – СДСМ: Отруена е цела Македонија а никој од власта не одговара, ВМРО-ДПМНЕ: Кога биле власт, ниту решавале, ниту понесоа, ниту пак повикаа на одговорност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ денеска разменија меѓусебни обвинувања поврзани со случајот со загадената вода во Гостивар и состојбата со квалитетот на водата за пиење во државата.

Од СДСМ тврдат дека над 50 населени места се соочуваат со проблеми со загадена вода и посочуваат дека во Гостивар илјадници граѓани побарале медицинска помош поради инцидентот. Од партијата наведуваат дека институциите задоцниле со реакцијата и бараат да бидат објавени резултатите од анализите на водата, како и информации за тоа кој ја одобрил одлуката водата да биде прогласена за техничка.

„Над 50 населени места се со загадена вода. Во Гостивар цел град беше отруен, на 4.000 граѓани им беше потребна медицинска помош. Клековски призна дека „црвените светла“ се запалиле доцна. Панче Тошковски се занимаваше со хиперхлорирање, испуштање вода од цевките и анализи на вода. Ја прогласија водата за техничка, а никогаш не објавија анализа, резултат за водата, кој потпишал и кој одобрил. Стојанче Ангелов јавно потврди дека во водата има опасна бактерија. Сега се најавува дека официјалните резултати од анализите ќе бидат достапни на 20 август“, соопштија од СДСМ.

На овие обвинувања реагираше ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека СДСМ се обидува политички да профитира од случајот и потсетуваат дека, според нив, проблеми со квалитетот на водата имало и за време на претходната власт.

„Талогот на СДС, кој сега глуми грижа за здравјето на граѓаните, печали политички поени и шири хистерија за водата за пиење, додека беше на власт и раководеше со институциите, ништо не направија да ги решат проблемите. Документите од извршените испитувања покажуваат дека и во периодот кога Венко Филипче беше министер за здравство биле евидентирани случаи на небезбедна вода за пиење во повеќе населени места, меѓу кои и во Гостивар. Тогаш ниту биле разрешени одговорни лица, ниту биле преземени соодветни мерки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.