Европа повторно е зафатена од бран закани за поставени бомби, кои предизвикаа тревога на неколку аеродроми и во медиумски организации. Утрово биле пријавени нови дојави за летови кон и од Италија, како и на аеродромите во Прага и Копенхаген.
Паралелно, во Ирска, неколку медиумски редакции биле принудени да ги евакуираат вработените по добиени заканувачки пораки за експлозии. Инцидентите се случуваат еден ден по бранот лажни дојави, кој опфатил најмалку 25 летови во различни европски земји.
Еден од последните случаи се однесува на авион на компанијата „Рајанер“, кој летал од Рим кон Лисабон. Авионот слетал на аеродромот во португалската престолнина околу 08:00 часот по локално време, по што надлежните започнале проверки за да ја утврдат веродостојноста на заканата.
Во меѓувреме, била пријавена и друга закана за лет на „Визер“ од Прага кон Рим. По анонимна телефонска дојава до контролната кула во Фјумичино, авионот бил пренасочен кон Венеција, каде што полицијата започнала проверки. Чешките власти потврдија дека истражуваат закани за неколку авиони кои пристигнувале и заминувале од аеродромот во Прага, при што биле опфатени најмалку осум летови.
И аеродромот во Копенхаген се соочил со нови закани, поради што интервенирала данската полиција и започнала истрага. Според првичната проценка на властите, немало опасност за патниците и другите лица на аеродромот.
Во меѓувреме, во Италија, заканувачки пораки биле испратени до вработените на аеродромот во Рим и на една приватна компанија за воздушна логистика. Во нив се тврдело дека во два авиона, од Хелсинки и Даблин, бил поставен експлозив. Заканата се покажала како неоснована, но веднаш биле активирани безбедносните служби и Поштенската полиција.
Ситуацијата се проширила и во Ирска, каде што неколку медиуми биле принудени да го прекинат емитувањето и да ги евакуираат своите вработени. Меѓу погодените институции биле јавниот радиодифузер РТЕ, „Њусток Радио“, „Тудеј ФМ“, „Вирџин Медија“ и весникот „Ајриш Индепендент“. Алармите пристигнале преку електронска пошта, во која било наведено дека експлозија ќе се случи во рок од 45 минути.
Полицијата интервенирала во просториите на медиумите, придружувана од специјално обучени кучиња за откривање експлозиви. Редовната програма на „РТЕ Радио Уан“ подоцна била продолжена.
Европските власти истражуваат дали овие инциденти се дел од координирана кампања со закани, која во изминатите денови ги погоди транспортот, медиумите и други стратешки сектори.
