Предлог законите потребни за изградбата на коридорите на кои Владата во петокот им стави европско знаменце, се доставени во Собранието. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја повика и Канцеларијата на Европската унија, во земјава но и амбасадорите на земјите од ЕУ да се произнесат за европското знаменце на законите.
„Јас денеска нема да го коментирам туку ќе оставам од Канцеларијата на Европската комисија тоа во текот на денот да биде искоментирано. Доколку тоа не се случи, од утре ќе отвориме јавна дебата по тоа прашање, затоа што верзиите кои што ги видовме во делот 5 кој што вообичаено се користи за објаснување со кои делови од европската регулатива се усогласува овој закон, замислете, во овие предлози е празен“, вели Христијан Мицкоски.
Неофицијално за ова веќе од Канцеларијата на ЕУ барале одговори од Владата за употребата на европското знаменце на овие законите. Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбр Адеми вели дека законите ќе се најдат на дневен ред пред пратениците во среда, кога треба да се изгласа потребата од нивно донесување, а потоа ќе треба да помина и на Комисијата за европски прашања каде што тој е претседател. Адеми потврди дека имало заинтересираност од Канцеларијата на ЕУ за овие закони.
„На 10 мај ќе имаме пленарна седница и ако пленумот, пратениците одлучат да бидат овие точки на дневен ред да дискутираме за истите тогаш јас би го прекршил Деловникот, ако не би организирал седница на Комисија. Делегацијата на Европската унија барале од Владата дополнителни објаснувања поврзани со предлозите кои се доставени тука“, додаде Арбер Адеми.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека има основа на законите за коридорите да се стави еу-знаменце.
„Прво од политички аспект или од политичка гледна точка имаме основа да го направиме тоа бидејќи на 16 мај ќе бидат впишани овие коридори, односно коридорот 8 во трансевропската мрежа на коридори. Знаеме дека со овие закони нема усогласување со некое европско аки, меѓутоа го ставаме за да успееме да ги изградиме на време овие автопати и да ја комплетираме практично трансевропската мрежа на коридори во Северна Македонија“, вели Бојан Маричиќ.
Владата во петокот донесе предлог измени на 5 закони кои се поврзани со изградбата на коридорот 8 и 10Д, а кои како што беше речено ќе се дадат на усвојување во Собранието со европско знаменце.
