Законот за 60-часа работа со европско знаме? – Се бара начин, како да се помине законот без блокади

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Немам намера да ја закажувам седницата на Комисијата за работни односи се додека не се најде начин како коректно да се одвиваа таа седница, изјави за ТВ21 претседателот на собраниската комисијата Елми Азири. На седницата на Комисијата треба да се најде расправата за измените на законот на кој треба да се доуреди можноста за 60 часовна работна недела. Левица поднесе илјада и 111 амандмани со цел да го блокира донесувањето на законот, но имаше договор тие да се спојат и да се сведат на десетина. Но од Левица најавија дека доколку тоа се направи тие ќе блокираат со бесконечно говорење на комисијата. 

„Се уште се разговара за тоа како да се изнајде начин да се работи без блокирање и се додека не најдеме решение со кое ќе можеме без проблеми да работиме на Комисијата јас немам намера да ја закажам. Имаме деловничка можност да ги намалиме амандманите на Левица, но се бара начин како да се надмине блокадата што ја најавија со бесконечно говорење. Како опција е  предлогот на измените на законот да се повлечат и Владата да предложи предлог законот кој ќе биде со европско знаменце, со што расправата се ограничува на три дена“, вели Елми Азири.

Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска со обвинување дека поради неисполнување на обврските од Договорот за коридорите 8 и 10Д државата ќе мора да плаќа пенали на Бехтел и Енка.

„Владата денеска мора да објасни зошто се обврзала на пенали од 53 милиони евра за овој месец и вкупно 196 милиони евра само по основ промена на законот и воведување 60-часовна работна недела. За ова Артан Груби и неговиот аѓутант Димитар Ковачевски мора да сносат одговорност. Ова е класична злоупотреба на функцијата и наштетување на буџетот. Ова дело не застарува, а миленикот на ДУИ нема да е вечно јавен обвинител за организиран криминал“, порача Наум Стоилковски.

ВМРО-ДПМНЕ  шири хајка против изградбата на коридорите и таа е политички мотивирана, велат од СДСМ.

„ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски под заложништво на проруската Левица водат хајка против стратешкиот проект за изградба на коридорите 8 и 10Д и против реномирана американска компанија. Изградбата на коридорите 8 и 10Д е најголемиот инфраструктурен проект во нашата држава вреден 1,3 милијарди евра. 600 милиони евра ќе завршат кај наши домашни компании“, вели Миле Талевски.

Реагираат и од ДУИ од каде велат дека ВМРО-ДПМНЕ шири хистерија и е против изградба на автопатишта.

„Денеска е 24 април, два дена по истекот на „рокот“ на ВМРО за „исплаќање“ на наводните „пенали“ од 53 милиони евра кон Бехтел и Енка. ВМРО секојдневно и со секоја изјава и соопштение потврдува дека е против развојот, градење автопатишта, против НАТО и ЕУ, против американски компании и против Албанците. Ниту се платија 53 милиони евра, ниту се оствари било што од тоа што тврдеше и ветуваше ВМРО“, вели ДУИ.

Вчера Артан Груби најави дека Владата е подготвена да одговори на барањата на пратениците со безбедносен сертификат и да го презентира договорот со Бехтел и Енка за изградбата на коридорите. Засега од Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери нема одговор дали е испратен договорот во Собрание и на која Комисијата ќе се разгледува.