Законот за игри на среќа на јавна дебата: Казината подалеку од училиштата, Асоцијациите против ваквото решение

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со овој предлог закон се регулираат игрите на среќа и се воведуваат јасни правила со кои се спречува агресивната реклама, се воведува заштита на граѓаните, особено на младите и зајакнување на контролата и надзорот. Ова во образложението на предлог законот го истакна министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска која рече дека тој не претставува рестрикција без цел туку тој за поголема контрола и заштита на малолетниците.

„Се забранува рекламирање кое создава впечаток дека игрите на среќа се средство за финансиски успех за решавање на лични или социјални проблеми или кои директно или индиректно ги поттикнува малолетниците да учествуваат во нив.“, рече Димитриеска-Кочоска.

Законското решение е добро смета Александар Климовски директор на Државна лотарија, но наведе неколку забелешки. Тој рече дека интернет игрите на среќа треба да бидат под Државна лотарија.

„Интернет игрите создаваат најголема зависност. И затоа државата треба овие интернет игри треба да ги стави под своја капа. Тие се достапни 24 часа дневно без физичко присуство и со значителен поголем ризик од злоупотреби, перење пари и користење туѓи идентитети и пристап на малолетници.“, изјави Климовски.

Реакции на предложеното решение дадоа здруженијата од каде го повторија ставот дека со вакво законско решение без работа ќе останат околу 10 илјади вработени, а најголем приредувач на игри на среќа ќе биде државата. Давачките за приватните фирми ќе бидат далеку поголеми и со сето ова ќе згаснат легалните игри на среќа, а за брзо време ќе се појават нелегални со што младите дури тогаш нема да бидат заштитени.

„Сакам да ве прашам, што мислите дека ќе се случи кога ќе се затвори огромен дел од легалниот пазар? Дали луѓето ќе престанат да играат? Апсолутно не. Ќе преминат таму каде што државата нема контрола во нелегални објекти на црниот пазар.“, рече Васко Илиевски од АСОМ.

„Се губи смислата на мерката за наводна заштита на младината кога преку мобилните телефони и интернетот тие ќе бидат изложени во секое време на онлајн игри на среќа“, вели Горан Стојменов од АПИС.

Предлог законот предвидува во иднина казината да не смеат да бидат лоцирани во близина од најмалку 500 метри до училиштата, како и забрани за нивно рекламирање особено дека со нив се постигнува финансиски успех или пак кое е посебно насочено кон малолетни лица да се вклучат во игрите на среќа.