Измените на законот за работни односи ја вжешти расправата на седницата на Собранието. Опозицијата со бројни забелешки за текстот на измените, но и за начинот на донесување на законите потребни за коридорите 8 и 10Д кои имаат европско знаменце. Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ вели дека власта на брза лента ги турка законите, особено законот за работни односи кој е спротивен на Уставот и затоа бара да биде повлечен.
„Овде бараме писмена согласност на работникот, значи ќе го тераме работникот да прави нешто што е неуставно, односно ќе го терате. Кажувате дека овој закон може да се спроведува дури и во недела. Па таква фама направивте за тој законот за недела неработен ден, пи-ари се правеа, прослави се правеа. Каде е Основното јавно обвинителство да се произнесе, ќе чекаме ли одговор од него или ќе одиме на сила да ги тераме овие работи. Ова е срамно што се случува ова е срам за македонската демократија затоа што ова е силување на македонската демократија.“, рече Ковачки.
Коридорот 8 и 10Д е од огромно значење за земјава со кое Македонија ќе биде мапирана на главните коридорите во регионот и Европската унија, реплицираше Жаклина Лазаревска од СДСМ.
„Станува збор за проект кој што е едно најголемо капитално инвестирање во нашата инфраструктура во нашата држава, воопшто од нејзиното создавање до денес. Треба да се залагате Македонија да не биде слепо црево, заборавена држава а се наоѓа стратешки во центарот на Балканот. Верувам дека нашите луѓе треба да се поврзуваат со сите народи и нашата држава да има пред се големо значење во економските движења на Европа, односно на Балканот и Европа.“, рече Лазаревска.
За законот за работни односи пред почетокот на денешната седница со реакција се јавија од Сојузот на синдикатите на Македонија од каде ги повикаа пратениците да размислат како ќе гласаат.
„Ги повикуваме пратениците да ни се приклучат на нас работниците, на нас синдикатите, на апелите на европските и светските синдикати, на апелите на Европската комисија и ЕУ-амбасадорот во Македонија и да се спротивстават на воведувањето 72-часовна работна недела. Да не дозволиме сите заедно воведување на 12-часовен работен ден, 6 дена во неделата, а пратениците од сите политички партии да се охрабрат и да не прават кворум во парламентот за гласање на законот за работни односи со кој се злоупотребува европското знаменце и се силуваат работничките права.“, велат од ССМ.
Во истовреме на Комисијата за европски прашања трае дводневната амандманска расправа за измените на законот за градба, а за дебата остануваат уште два закони од пакетот потребни за изградбата на коридорите 8 и 10Д.
