Законот за рестриктивни мерки во вторник на Влада – Грковска: Очекувам „црната листа“ на САД да се прошири

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повлекувањето на законот за рестриктивни мерки од собраниска процедура предизвика низа шпекулации во јавноста иако техничката влада образложи дека тоа го прави поради административни причини. Законот предвидува сите оние кои се на „црните листи“  на САД и Обединетото кралство да подлежат на мерки и според македонското законодавство. Техничкиот премиер Талат Џафери имаше средба и со американската амбасадорка Анџела Агелер кој ја известил дека за овој предлог закон се прават дополнителни консултации и дека е предвидено повторно разгледување на владина седница. Од друга страна пак шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека законот треба да помина на владина седница во вторник.

„Согласно ова решение кога ќе има „црна листа“ како што ги нарекуваме Владата го информира и Обвинителството, Обвинителството е должно да отвори постапка согласно законот за кривична постапка ако има обвинение, има факти, судот го прифаќа обвинението и судот тогаш има право согласно овој закон да донесе две од тие мерки за обезбедување, забрана за јавна функција и ако е правно лице да не може да учествува на тендери, јавни набавки, јавно приватно партнерство концесии и така натаму“, вели Бујар Османи.

Поранешниот премиер Димитар Ковачевски во интервју вели дека очекува овој закон повторно да помине на владина седница и да биде доставен до Собранието.

„Овој закон претходната Влада веќе го донесе, а техничката влада и премиер преземаат некакви активности од административна природа и Законот ќе биде доставен повторно во Собрание што и очекувам да се случи. Мислам дека е важно да нагласам дека САД се наш стратешки партнер и тие го поздравуваат секој напор и секој закон со кој што се бара отчетност и одговорност“, порача Димитар Ковачевски.

Вицепремиерката за добро владеење која е во посета на Соединетите Американски Држави во интервју за Гласот на Америка порача дека очекува „црната листа“ да се прошири.

„Се надевам дека листата уште повеќе ќе се надополнува. Секогаш, велам, дека тоа е дополнителна помош од нашите меѓународни партнери, за да ги поттикнат домашните институции да си ја вршат својата работа. Меѓутоа, сепак, тоа претставува наша домашна работа, на домашните институции, на нашето правосудство, да ги покренат овие случаи, и да посведочиме дека има завршница и дека навистина некој одговара од високите профили обвинети за корупција, доколку навистина се огрешиле пред законот“, порача Славица Грковска.

Грковска додаде и дека со предлог законот за рестриктивни мерки ќе биде дефинирано како да се процесираат случаите и дека секој ќе имам последици од незаконски постапувања. Последните дополнувања на црната листа на САД беше со градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, потоа и Орце Камчев но и Сергеј Самсоненко.