Очекувања и надежи дека во декември Македонија ќе ги почне пристапните преговори со Европската унија ова беше се што можеше да се слушне по средбата на министерот за надворешни работи Бујар Османи со австрискиот сојузен министер за европски и меѓународни работи Михаел Линхарт. Тој Западниот Балкан го спореди со моцартовите топчиња.
„Западниот Балкан е дел од Европа исто како што и некои австриски елементи како на пример моцартовите чоколадни топчиња се дел од австриската култура. Стабилноста и благосостојбата во Западниот Балкан значи благосостојба и сила за цела Европа. Оној што го исклучува Западниот Балкан ја ослабнува Европа. Ние се заложуваме и ќе продолжиме да се заложуваме за тоа уште во декември да почнат преговорите. Тоа е нашето барање. Тоа барање го поставуваме пред нашите партнери во Европската унија и тоа интензивно“, вели Михаел Линхарт.
Но колкава е можноста да се стигне декемврискиот Совет на Европската унија за најпрво Бугарија да формира Влада, а потоа и да се постигне договор со кој официјална Софија ќе ја тргне блокадата. Османи вели дека се надева дека по овие трети по ред избори во Бугарија ќе биде избрана политичка Влада и ќе има време да се седне и да се разговара, но додава дека особено важно е и во земјава да не се продлабочи политичката криза и со тоа да не може да се дојде до решение со Бугарија и со тоа и да не се почнат преговори.
„Тоа што, колку – толку е еден чекор напред е фактот што од понеделник ќе имаме претседател избран и Собранието конституирано. Така што две важни институции ќе имаме во Република Бугарија и мојата и нашата намера е овие три недели да се искористат во тој правец. Најважно ми е дека Република Северна Македонија не дозволи да биде дел од проблемот“, посочи Бујар Османи.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во однос на тоа дали ќе ги почнеме преговори вели дека тој е оптимист дека Европската унија ќе застане на патот на барањата на Бугарија.
„Не сум песимист, јас сум оптимист. Знам дека сите земји членки на Европската унија овој пат ќе ја вразумат соседна Бугарија и ќе ги промовираат оние вистински европски вредности врз основа на која е создадена таа Унија. Тоа се вредностите на обединета и подеднакво развиена Европа. Ќе застанат на патот на овие хегемонистички барања од нашиот источен сосед и на овој народ во срцето на Балканот ќе му овозможат и ќе му дадат можност да преговара и да може еден ден да седне со нив на иста маса и да ги сподели тие исти вредности“, додава Христијан Мицкоски.
Сепак вчера вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров изјави дека доколку не се добие почеток на преговори во декември, тогаш постои можност за тоа во јануари идната година.
