Уште еден смртен случај од западнонилска треска го зголеми бројот на починати во Македонија на вкупно шест, соопштија здравствените власти.
Пациентот бил 72-годишен жител на Аеродром, кој пред 15 дена бил хоспитализиран со тешка клиничка слика.
Бројот на заразени со западнонилска треска е зголемен за повеќе од десет пациенти во период од една недела. Од вкупно 51 досега потврден случај, моментално 18 пациенти се лекуваат во болнички услови, информира директорот на Инфективната клиника, Фадил Цана.
„До денес на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 51 пациент, од кои 27 досега се излекувани и се пуштени од Клиниката. Моментално на Клиниката има 18 пациенти, од кои 15 се потврдени со лабораториски анализи дека имаат инфекции со невроинвазивна форма“, изјави Фадил Цана, директорт на Инфективната клиника.
Најмладиот пациент хоспитализиран на клиниката по убод од заразен комарец со западнонилска треска има 26 години, но тој е во добра здравствена состојба.
Петмина пациенти на повозрасна возраст се на интензивна нега со тешка клиничка слика.
Министерот за здравство, Сашо Клековски, информираше дека е потврдено присуство на вирусот на западнонилска треска и кај угинат гавран во Ресен.
„Агенцијата за храна и ветеринарство утрово потврди дека угинат гавран бил заразен со западнонилска треска, во централниот парк во близина на Општина Ресен. Гавранот е вид птица кој живее во истиот хабитат и не е преселна птица, па неговото угинување може да докаже дека таму има локално циркулирање на вирусот на западнонилската треска“, изјави министерот за здравство, Сашо Клековски.
Надлежните ги известиле Центрите за јавно здравје во Битола и Општина Ресен за преземање засилени мерки и прскање против комарци, согласно индикациите.
Во моментов, и две птици од скопскиот регион се во фаза на тестирање.
Од Министерството за здравство велат дека го следат развојот на состојбата за преземање понатамошни чекори. Апелираат граѓаните да пријавуваат угинати гаврани, бидејќи тоа може да помогне во спасување на човечки животи и спречување на ширењето на вирусот во епидемија.
