Понеделник 20 часот.
Десетици полициски возила, засилени и со специјални единици, почнаа акција во Арачиново, Скопје. Цел на акцијата беше селото Мојанце, каде имаше информации за поголема количина марихуана.
-Толку многу полицајци немаме видено ниту во 2001-ва, рече за ТВ21 жител кој не сакаше да говори пред камера.
Додека екипата на ТВ21 беше на местото на настанот, постојано доаѓаа тимови на МВР.
Се проверуваа и жителите на населбата.
Успеавме да пренесуваме во живо она што се случуваше на терен, сѐ додека полицијата не нѐ принуди да ја прекинеме снимката.
Освен што не беше дозволено да се снима на местото на настанот, МВР е резервирано и во давање информации околу тоа што се случи синоќа во селото, поради тоа што акцијата е сѐ уште во тек.
-МВР сè уште постапува во врска со акцијата во која е запленета поголема количина марихуана. Кога целосно ќе заврши акцијата, ќе бидете информирани.“, велат од МВР.
Од Министерството не потврдуваат дали акцијата завршила, меѓутоа на видеото кое беше објавено на социјалните мрежи, може да се забележи повлекување на полициските возила, меѓу кои и камиони. Неофицијално приведени се неколку лица, а станува збор за заплена на поголема количина марихуана, која пред неколку дена била украдена од магацин за склад на марихуана во Јосифово, Валандово.
