Започна гласањето за локалните избори – Даштевски: Обезбедени сите мерки за да нема проблеми

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Гласањето од утрово од 7 часот започна навреме и се одвива во најдобар ред, информираше претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски. Во денешниот ден гласаат стари, болни и изнемоштени, потоа оние кои се болни од Ковид или се во изолација, раселени, како и лица кои се на издржување казна затвор или се во притвор.  Но сите тие гласаат со стариот метод, односно не се користат фингерпринт апарати туку со УВ ламба. Даштевски рече дека се преземени и мерки доколку се случи некаде проблем.

„За овој процес обезбедивме 400 лица кои ќе помагаат, ИТ лица, од кои 320 ги обезбеди Државната изборна комисија а 80 компанијата која ни ги продаде овие уреди. Ние имаме 15 посто апарати повеќе купено, тоа се 520 апарати. Тие 400 лица, што не се малку, според мене, веднаш дел од нив треба да отидат и да го сменат и да ја стават сим картичката да ја префрлат во апарат и да продолжи гласањето“, истакна Александар Даштевски.

Фингерпринт апаратите работат на струја, но и на батерии, но сепак, доколку се случи нешто да не може да се употребат, тогаш ќе се примени стариот начин на гласање.   

„Во тој случај се оди на традиционално гласање, само да не ме сфатат луѓето дека тоа ќе биде правило. Тоа е исклучок, кој велам дека нема ни да се случи и во тој случај може да се гласа по старо со УВ ламба и спреј. Ние за оваа прилика обезбедивме секаде да има за секој случај за да не се оневозможи правото на глас на граѓаните каде што тоа не е возможно. Меѓутоа секаде каде што имаше проблеми со струјата ги решивме со електрична енергија и сега има на сите места, некаде немаше штекери, некаде немаше светилка, тоа е исправено“, истакна Александар Даштевски.

Даштевски вели дека очекува да нема проблеми ниту со пребројувањето на излезноста, а потоа и со бројот на гласовите, како што тоа се случи на претходните парламентарни избори. Со право на глас на овие избори во Избирачкиот список се запишани вкупно 1.824.864 гласачи, од кои денеска гласаат 10.653 гласачи. Овие избори ги следат 1.247 набљудувачи од кои 870 се домашни набљудувачи.