Започна истрагата, осомничени 34 лица – Коцевски: Верижни пропусти придонеле за трагедијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сопственикот на клубот, иако бил свесен дека не ги исполнува условите, му давал пари на вработен во Министерството за економија за да му биде издадена фалсификувана лиценца за работа на дискотеката „Пулс“, покажуваат првичните наоди од истрагата за трагедијата.

„Против вработениот во Министерството за економија е поведена постапка и за примање на поткуп.“, вели Љупчо Коцевски

Осомничени се тројцата косопственици на клубот. Сепак, истрагата за трагедијата ги опфаќа и екс министерот за економија Крешник Бектеши, поранешната државна секретарка Размена Цекиќ и повеќе вработени во Министерството.

„Сите тие со неизвршување на своите службени должности, што биле правно должни да ги извршат, не постапиле по прописите и техничките правила за мерките за заштита.“, вели Љупчо Коцевски.

Пропусти направил и поранешниот директор на Пазарната инспекција Горан Трајковски, неговиот претходник како и тројца инспектори.

„Во ниту еден наврат не извршиле контрола над работењето на правното лице за да утврдат дали има важечка лиценца.“, вели Љупчо Коцевски.

Истрагата ги опфати и тројцата градоначалници на Кочани, Ратко Димитровски, Николчо Илиев и Љупчо Папазов, како и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување.

„Овозможиле кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност, спротивно на Законот за угостителска дејност и другите пропишани услови согласно закон. За целиот тој период Општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект.“, вели Љупчо Коцевски.

Коцевски најави брза истрага. Обвинителството бара 30-дневен притвор за сите 27 физички лица, а за повеќето од нив веќе има зелено светло од Судот. Во притвор веќе се и полицајците од Штип и Кочани кои дале позитивна согласност за работата на клубот, па така вкупната бројка на осомничени засега е 34. Постапката се води и против три правни лица – самиот клуб, агенцијата за обезбедување, како и фирмата што го изготвила основниот проект за пренамена на објектот во кабаре иако според закон не биле исполнети условите. Оние пак што го обезбедувале клубот не постапувале по план и безбедносна проценка, не спречиле внес на пиротехника и го преполниле капацитетот, воедно и со малолетници.